Иновативна соработка за примена на циркуларни и нано материјали во преработувачката индустрија

Неодамнешниот повик на Министерството за економија за развој и имплементација на иновативни и колаборативни проекти поврзани со специјализација, зелена и дигитална трансформација во областа на преработувачката индустрија доведе до уште една иновативна соработка на Градежен институт Македонија – ГИМ и Институт за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ.

Проектот “Одржливи партнерства за Иновации базирани на примена на циркуларни и нано материјали во преработувачката индустрија” се фокусира на развој на технологија на самозаздравувачки цементни материјали со автономно самозаздравување на пукнатини со користење на отпад од индустријата (минерални додатоци летачка пепел и доломитен остаток мелени на нано ниво) и стакло (градежен отпад сомелен на нано ниво) како секундарни суровини согласно принципите на циркуларна економија.

Со користење на овие секундарни суровини, проектот ги промовира принципите на циркуларна економија, со цел да се минимизира отпадот и да се зголеми ефикасноста на ресурсите.

Примарната цел е развивање на два производи и добивање на нови цементни производи со карактеристики на автогено само-заздравување на пукнатини кои ќе бидат  ќе бидат дизајнирани во рамки на проектот: цементни материјали на база на летачка пепел и адитив (кој ќе се доразвие во тек на проектот) и цементни материјали на база на стакло и доломитен остаток. Овие иновативни материјали се дизајнирани да имаат подобрени својства за самолекување, продолжувајќи го нивниот животен век и намалувајќи ја потребата од чести поправки. Дел од примарните суровини кај двата типа на малтери ќе биде заменет со летачка пепел, стакло и доломитна прашина и на овој начин ќе се допринесе кон зелена транзиција што ќе резултира во намалување на CO2 емисиите, а ќе се добие производ со автогени самозаздравувачки карактеристики за затварање на пукнатините, подобри механички карактеристики и зголемена трајност.

Овој проект претставува значаен чекор напред во одржливото градење и примена на циркуларни и нано материјали во преработувачката индустрија. Соработката помеѓу ГИМ и ИЕГЕ ја нагласува важноста од комбинирање на експертизата за да се постигнат револуционерни резултати. Прочитајте повеќе информации за проектот.