ГИМ ќе го предводи конзорциумот за надзор над изградбата на автопатската делница Кичево–Букојчани
Градежен институт Македонија АД Скопје, како лидер на конзорциумот составен од ДИВИ Македонија ДОО Скопје и ГЕИНГ ДОО Скопје, потпиша договор со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за вршење надзор над изградбата на автопатската делница Кичево–Букојчани, во должина од 11,5 километри, која е дел од стратешки значајниот Коридор 8.
Договорот беше потпишан од директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, и генералниот директор на ГИМ АД Скопје, Влатко Иванов, како овластен претставник на конзорциумот.
Изборот на конзорциумот е резултат на двофазна меѓународна тендерска постапка со претквалификација, спроведена согласно правилата и со одобрение од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Автопатската делница Кичево–Букојчани е значаен инфраструктурен проект кој ќе придонесе за унапредување на патната поврзаност, зголемување на безбедноста во сообраќајот и подобрување на транспортната инфраструктура во земјата. Изградбата е предвидена во две фази, од с. Црвевци до Кичево и од с. Долно Строгомиште до с. Црвевци.
Во рамки на договорот, конзорциумот предводен од ГИМ ќе биде одговорен за стручен надзор над изведбата на градежните работи, со цел обезбедување усогласеност со одобрената проектна документација, почитување на предвидените рокови и примена на високите стандарди за квалитет и безбедност.
Со преземањето на оваа одговорна улога, ГИМ ја потврдува својата експертиза и долгогодишно искуство во надзорот и реализацијата на комплексни инфраструктурни проекти, продолжувајќи да придонесува кон развојот на современа, сигурна и одржлива транспортна инфраструктура.
