ГИМ и Макстил ги претставија резултатите од проектот CINDERELA како модел на циркуларна економија
Во рамките на проектот CINDERELA, во кругот на фабриката Макстил – Скопје, беа применети градежни материјали на база на секундарна суровина, која се добива при процесот на топење на старото железо, за ревитализација на деградиран простор во паркинг плато и реконструкција на пристапен пат, како и преградни ѕидови изведени од монтажни бетонски блокови.
Овие активности, кои денеска беа презентирани во Макстил претставуваат реализација на дел од проектот „Нов бизнис модел на циркуларна економија за одржлив урбан развој и градба – CINDERELA” кој го спроведува Градежен Институт Македонија (ГИМ). За реализација на дел од активностите потребни за овој проект ГИМ склучи договор за деловно техничка соработка со Макстил каде се постави пилот постројка за механичка обработка на секундарна суровина – троска (црна и бела) која се добива како нус продукт при процесот на топење на старото железо во фабриката. Претходно во лабораториите на УГД Штип, ГИМ како и во други европски лаборатории, беа направени серија тестови со кои се докажа дека ваквите материјали потекнуваат од категоријата инертни материјали кои не се штетни по животната средина.
За изградба на паркинг платото со површина од 6500 m2 и улица со површина од 2150 m2, како агрегат за тампон и агрегат за асфалт беа искористени околу 11 000 тони обработена црна троска, додека за изградба на преградни ѕидови направени во фабриката Карпош, се користеа префабрикувани бетонски блокови изработени од бетон со додаток од 20 проценти бела троска како замена за цемент.
„Макстил го затвора кругот на циркуларната економија и ја постигнува зададената цел за нула отпад. На излезната страна, освен нашиот производ, челичниот лим, кој може целосно да се рециклира и кој учествува со 85,5% од излезот, како нуспроизводи имаме 10% црна троска, 2% бела троска, 1,5% коварина (железен оксид) и 1% филтерска прашина. Филтерската прашина се користи за понатамошна обработка (екстрахирање на цинк). Дел од коварината се враќа во нашето производство, останатиот дел се користи како делумна замена на железна руда во високи печки. Тоа што ни остануваше како секундарна сировина беше троската (бела и црна). Со овој проект го решаваме и ова последно прашање. Со добиениот сертификат за употреба и со пробната употреба докажуваме дека и овој наш нуспроизвод може целосно и безбедно да се употребува понатаму”, истакна Димитар Цветковски Претседател на Одборот на директори на Макстил.
CINDERELA е комплексен истражувачки и иновативен проект, финансиран од програмата „Хоризонт 2020“ на Европската Комисија, базиран на можностите за намалување на урбаниот индустриски отпад, кој има за цел развивање и демонстрирање нов бизнис модел на циркуларната економија. Проектот го реализира конзорциумот на тринаесет извонредни истражувачки институции и организации од седум европски земји, меѓу кои е и Градежен Институт Македонија.
„Градежен Институт Македонија со проектот Cinderela уште еднаш ја докажа успешноста во реализација на европски проекти кои изминативе години сѐ повеќе и повеќе се во наш фокус. Овој тип пилот проекти придонесуваат за развој на знаење и демонстрација на добри практики кои се од суштинско значење, поттикнувајќи ги градежните компании да градат циркуларни бизнис модели со што би ја зголемиле својата конкурентност нудејќи поодржливи услуги. Со овој проект уште еднаш го потврдуваме концептот на одговорно општествено делување преку почитувањето на концептот на одржливоста”, изјави Влатко Иванов Генерален директор на Градежен Институт Македонија.
Целите на циркуларната економија се насочени кон одржлив урбан развој и употреба на секундарни суровини во различни области. Во овој процес се поврзуваат различни индустрии, градежниот сектор, општинските услуги, носителите на одлуки и пошироката јавност.
Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање пред присутните нагласи дека циркуларната економија е еден од начините како да се максимизира употребата на расположливите и ограничени природни ресурси и да се обезбеди одржлив економски раст и развој и притоа да се редуцира емитувањето на јаглерод диоксид.
„Им благодарам на претставниците на ГИМ и Макстил за заедничкиот труд, а задоволен сум со тоа што и наши научни институции и компании се вклучени во вакви, за наши прилики, револуционерни проекти, кои се на еден начин зачеток на циркуларната економија, којашто има огромен потенцијал во Република Северна Македонија. И денеска сум навистина среќен, што конечно, приватниот сектор почна активно да зборува за циркуларната економија и на дело се покажува дека се може. Сепак жалам, што како држава доцниме десетина години во овие процеси“, рече вицепремиерот.
Битиќи додаде дека доколку сакаме интензивен и одржлив економски развој на земјата, за кој сите чинители несомнено се залагаат и се посветени кон таа цел, мора да се инвестира и да се воспоставуваат соработки, по примерот на соработката помеѓу ГИМ и Макстил и да се поттикнуваме циркуларната економија.
Циркуларната економија како концепт нема само економски ефект туку е и основа на Европскиот зелен план за заштита на животната средина.
Според министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини овој проект покажува дека со јасен план и со посветеност, знаење и имплементирани искуства од странство, секоја компанија може да вложи во ресурси за развивање на дополнителни дејности.
„Да се искористи секундарната индустриска суровина како градежен материјал е одличен проект за намалување на количините депониран отпад, ги заштитува примарните ресурси и во исто време дава поевтино и брзо решение за реконструкција на патиштата. Драго ми е што ова иновативно решение е резултат на научна соработка помеѓу наши и странски експерти, и ова покажува дека ние како држава, нашиот приватен сектор, има капацитет да работи на светски начин. Вака придонесуваме за заштита на животната средина и работиме истовремено поекономично. Уште еднаш им честитам на Макстил и ГИМ што се одговорни компании и пример за тоа како треба да работи приватниот сектор, со редовни мерења, според стандардите и со нови одржливи проекти. Зелената агенда значи развој, но на одржлив начин, и ова е вистинскиот пример за тоа”, истакна министерот Нуредини.