„Сообраќајно транспортно инженерство – од теорија до пракса“ – Стручно предавање на ГИМ по повод 65-годишнината од формирањето на Технички факултет – Битола

Во рамките на одбележувањето на 65-годишнината од формирањето на Технички факултет – Битола, на 19 мај 2026 година во просториите на факултетот се одржа стручно предавање под наслов „Сообраќајно транспортно инженерство – од теорија до пракса“. Настанот претставува дел од серијата активности со кои се одбележува значајниот јубилеј на Факултетот и неговиот придонес во развојот на едукативната и научноистражувачката дејност во областа на инженерството и технологијата.

Целта на предавањето беше да се прикаже практичната примена на теоретските знаења во процесот на креирање одржлив сообраќајно-транспортен систем.

Како предавачи настапија Александра Ангелковска Огненоска и Зоран Грујески, двајцата вработени во Градежен институт Македонија А.Д. Скопје, а воедно и алумни на Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола и Техничкиот факултет – Битола.

Во текот на предавањето, говорниците ги споделија своите професионални искуства и проекти од областа на сообраќајното инженерство, при што посебен акцент беше ставен на значењето на професијата, предизвиците со кои инженерите се соочуваат во пракса, како и на поврзаноста помеѓу теоретското образование и неговата практична примена во секојдневните работни процеси.

Присутните студенти имаа можност да се запознаат со реални примери од праксата и да добијат поширока слика за можностите за професионален развој и напредок во областа на сообраќајно-транспортното инженерство.

Градежен институт Македонија останува посветен на поддршка на стручниот и професионалниот развој на младите инженери и унапредување на соработката со академската заедница.