ГИМ го зајакнува своето присуство во Романија со нови проекти и планови за проширување
Градежен институт Македонија продолжува да го зајакнува своето присуство на романскиот пазар, со фокус на реализација на значајни инфраструктурни проекти, развој на специјализирани инженерски услуги и проширување на деловните активности.
Во интервју за реномираниот романски медиум специјализиран за градежништво и инфраструктура Agenda Construcțiilor, Слободан Трајковски, претседател на Управниот одбор на ГИМ, зборува за досегашните резултати на компанијата во Романија, актуелните проекти, предизвиците во градежниот сектор и стратешките планови за развој во периодот 2026–2027 година.
Од отворањето на подружницата во Букурешт во 2022 година, ГИМ континуирано го проширува своето портфолио преку учество во значајни инфраструктурни проекти. Меѓу нив се надзорот на делницата Бузау – Ваду Паши на автопатот А7, изработката на техничка документација за рехабилитација на вијадуктот Ачилиу, геотехничките истражувања во регионот Бикаж и проектот за рехабилитација на браната Лешу.
Особено значајно место во досегашното работење има проектот за надзор на делницата од автопатот А7, каде што ГИМ, како водечки партнер во конзорциумот со компанијата Davadavid, вршеше надзор над изградбата на сложени инфраструктурни објекти, меѓу кои и мостот преку реката Бузау, долг 1,36 километри.
Во фокусот на идниот развој се инвестициите во нови капацитети и проширувањето на инженерските услуги. Компанијата планира воспоставување лабораторија за геотехнички испитувања и испитување градежни материјали во Романија, постепено проширување на локалниот тим и зајакнување на присуството во секторите на транспортната инфраструктура, енергетиката, индустриските објекти и водостопанската инфраструктура.
Во интервјуто, Трајковски ја истакнува важноста на висококвалификуваниот инженерски кадар, ефикасната координација и систематската контрола на квалитетот како клучни предуслови за успешна реализација на големи инфраструктурни проекти.
Романија претставува стратешки важен пазар во регионалниот развој на ГИМ, а долгорочната определба на компанијата е преку сопствената експертиза, локалните партнерства и континуираното унапредување на капацитетите да ја зајакне својата позиција како доверлив мултидисциплинарен инженерски партнер на меѓународниот пазар.
Целосното интервју со Слободан Трајковски е објавено во романскиот медиум Agenda Construcțiilor, под наслов „CEIM: Planuri de extindere în România, de la infrastructură la energie și apă“.
