Кога младите проектираат одржливо: ГИМ дел од хакатонот „Младински идеи за одржливи градби“

Градежен институт Македонија беше еден од поддржувачите на хакатонот „Младински идеи за одржливи градби“, одржан на 27 февруари, во организација на Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика  и Градежниот факултет – Скопје.

На настанот учествуваа 17 тимови гимназијалци, кои работеа на две сценарија: „Циркуларен кампус – одржливо училиште на иднината“, со фокус на образовни простори со нула отпад и максимална енергетска независност, и „Циркуларна трансформација на напуштен јавен објект“, односно вдахнување нов живот на заборавените градби преку принципите на одржливоста.

Покрај поддршката на настанот, претставници на ГИМ беа дел од двете жири-комисии кои ги оценуваа решенијата на тимовите по двете сценарија. За нас ова беше можност да го споделиме искуството од практиката со генерации кои допрва ја избираат својата професија, но и директно да слушнеме како младите размислуваат за материјалите, енергетската ефикасност и одржливото градење.

Вложувањето во млади кадри е дел од долгорочната определба на ГИМ. Ваквите настани им овозможуваат на средношколците да стекнат практични знаења, да работат тимски на реални еколошки предизвици и да остварат директен контакт со факултетите и компаниите од секторот – што е основа за подготвен и стручен кадар во градежништвото во иднина.