Работилница за циркуларна економија и одржливо градежништво со претставници на CNAIR

Во рамки на договорот за надзор на изградбата на автопатот Бузау – Фокшан, Лот 1: Бузау – Ваду Пашии, дел од коридорот А7, во периодот од 30 септември до 3 октомври во Охрид се одржа втората по ред работилница за дел од вработените во CNAIR – Compania Națională de Administrare a Infrastructurii Rutiere, Национална компанија за управување со патната инфраструктура на Романија.

Работилницата на тема „Циркуларна економија и користење на обновливи материјали во градежништвото“ се одржа во организација на Градежен институт Македонија – ГИМ и Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ. Предавач на работилницата беше проф. д-р Ангелина Танева-Вешоска, а во нејзината реализација учествуваа и експерти од ГИМ од релевантните области на градежништвото и инфраструктурата.

На работилницата учествуваа 20 претставници на CNAIR, меѓу кои директори и раководители од техничкиот сектор и секторот за имплементација на проекти, како и претставници од финансискиот сектор.

Во рамки на работилницата беа опфатени повеќе актуелни теми:

• нови одржливи материјали применливи во изградбата на патишта;
• циркуларната економија и нејзината примена во градежништвото;
• нови можности за примена на принципите на циркуларната економија во патната инфраструктура;
• интегрална методологија за проценка на ризикот од нестабилност на наклонот кај карпести маси со низок квалитет;
• студија на случај за автопатот Кичево – Охрид, проследена со посета на локацијата.

Работилницата овозможи директна размена на практични искуства, знаења и добри практики меѓу експертите од ГИМ и професионалците од CNAIR, како и дискусија за можностите за примена на современи и поодржливи решенија во идните инфраструктурни проекти.