Обука за тимско работење и надминување на конфликти на дел од менаџерскиот кадар во Градежен институт Македонија
Во рамките на активностите за професионален развој на вработените, на 03.06.2026 година во просториите на Градежен институт Македонија (ГИМ) се одржа обука на тема „Тимско работење и надминување на конфликти“, наменета за дел од менаџерскиот кадар.
Обуката ја реализираше проф. д-р Александра Србиновска Дончевски, професор и обучувач во областа на комуникацијата и организациското однесување, која преку интерактивен пристап ги запозна учесниците со значењето на ефективната комуникација, градењето доверба во тимовите и конструктивното справување со конфликти во работната средина.
Во фокусот на обуката беа теми поврзани со успешна тимска работа, меѓусебна соработка, препознавање на причините за појава на конфликти и примена на практични техники за нивно надминување. Учесниците дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневната работа и разменија искуства за создавање позитивна и продуктивна работна атмосфера.
За време на обуката беше истакнато дека комуникацијата не се мери според тоа што сме го кажале, туку според тоа што другата страна го разбрала. Преку интерактивни вежби и дискусии беше нагласено дека голем дел од конфликтите во организациите произлегуваат од нејасни очекувања, недоволна комуникација и различно разбирање на задачите и целите. Учесниците имаа можност да се запознаат со пристапи и алатки за навремено препознавање и конструктивно разрешување на конфликтите, со цел подобрување на тимската соработка и работната ефективност.
Обуката претставува дел од континуираните активности на ГИМ за унапредување на професионалните компетенции на вработените и за градење организациска култура заснована на доверба, тимска работа, соработка и ефективна комуникација.
